ВО ГЕРМАНИЈА АРАПИТЕ ПОЧНАА ДА ПРАВАТ ПРОБЛЕМИ НА БАЗЕН, ПОРАДИ ТОПЛЕС ДЕВОЈКИ

Наутро сè е во ред кога посетителите се пензионери и мајки со деца. Станува проблематично попладне кога групи млади мажи, главно од арапско потекло, почнуваат да пристигнуваат на базенот и создаваат проблеми, вели за дневниот весник „Билд“ берлински спасител и чувар кој сакаше да остане анонимен. Група млади мигранти, за кои тој вели дека не се бегалци, туку мигранти кои се родени овде, не го препознаваат авторитетот на чуварите кои редовно се соочуваат со закани и навреди, пренесува „Дојче веле“.

Судир на светови

Во последните неколку недели на особено проблематичните базени, како Колумбијабад, кој се наоѓа во берлинскиот кварт Нојколн со висок процент на имигранти од арапските земји, особено од Либан, полицијата по интервенциите ги затвори базените. Колумбијабад сега е затворен и не се знае до кога ќе остане така бидејќи повеќето од редарите и спасувачите зеле боледување поради страв за нивното физичко и ментално здравје.

Питер Харцхајм, претседател на германското здружение на спасувачи, ја потврдува состојбата на германските базени.

На повеќето места за капење е мирно. Проблемите се јавуваат таму каде што има несразмерно висок процент на гости од арапско потекло, вели Харцхајм.

Тој потврдува и дека неколкупати имал закани, најмногу од млади мажи. Спасувачите и чуварите од Колумбијабад велат дека хомосексуалците, жените и Евреите особено се мета на провокација и малтретирање. Тензиите особено пораснале по неодамнешната одлука да се дозволи пливање и сончање топлес во базените.

Тука доаѓа до судир на различните погледи на светот, вели еден редар.

Населбата Нојколн некогаш позната по високиот процент на граѓани со арапско потекло, во последните десет години стана познат по високата концентрација на млади луѓе од целиот свет кои го претворија овој некогашен мигрантски и работнички кварт во популарна дестинација за оние кои бараат забава. Таму живеат и голем број членови на ЛГБТ заедницата. Но, поради редовното малтретирање и навреди од страна на арапските „домородци“, хомосексуалните парови, како што неодамна пишуваа германските медиуми, почнале да му вртат грб на овој кварт.

„Оние кои не ги следат нашите правила“

Управата на градот Берлин не сакаше да ги потврди овие наводи, но од минатиот викенд воведе посебни мерки. Отсега влегувањето во базените е можно само со приложување лична карта. Оваа мерка, како што соопштија од градот, има за цел „јавните капалишта да ги направат побезбедни за посетителите и да им се олесни работата на вработените“. Со легитимирање на посетителите, целта е да се оневозможи посета на оние на кои им е забранет влезот во базенот, открива „Дојче веле“.

На дебатата сега се приклучи и канцеларот Олаф Шолц, кој на својата летна прес-конференција рече дека проблемот со безбедноста на базените повеќе не треба да се игнорира и дека влегувањето на полицијата во базените е „целосно оправдано“. На директно прашање дали станува збор за проблем во интеграцијата на младите од странско потекло, Шолц го заобиколи одговорот и рече дека „оние што создаваат проблеми не се однесуваат според нашите правила“.

Во првиот викенд по воведувањето на мерките за легитимирање, е забележан значителен пад на гости на „проблематичните“ базени и покрај рекордно високите температури.